Врз основа на член 5, 20 и 25 од законот на здруженијата на граѓани и фондациите (Сл.весник на РМ 31/98), член 30 од Статутот на Словенечко Здружение „Франце Прешерен“ Скопје и одлуката за промена на седиштето, Собрание на здружението, на седницата одржана на ден 14.04.2008 година, го донесе следниот:
С Т A Т У Т
НА
СЛОВЕНЕЧКО ЗДРУЖЕНИЕ „ФРАНЦЕ ПРЕШЕРЕН“ – СКОПЈЕ
(Пречистен текст)
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Словенечко здружение „Франце Прешерен“ од Скопје е здpужение на граѓани, формирано со слободно и доброволно здружување заради задоволување на своите лични и заеднички цели и интереси и остварување на целите и задачите предвидени со Програмата и овој Статут.
Здружението е неполитичко, невладино и непрофитабилно здpужение на граѓани, кое дејствува на територијата на Република Македонија.
Член 2
Словенечкото здружение „Франце Прешерен“ – Скопје е правен следбеник на Словенечкото друштво „Франце Прешерен“ – Скопје запишано под реден број 1676 од 30.09.1994 година со решение Уп.бр.10-7763/1 на „Градска управа за внатрешни работи“ – Скопје.
Член 3
Здружението има својство на правно лице, со права и обврски кои произлегуваат од Уставот и законите.
II. ИМЕ И СЕДИШТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 4
Името на здружението е: СЛОВЕНЕЧКО ЗДРУЖЕНИЕ „ФРАНЦЕ ПРЕШЕРЕН“ – Скопје (во натамошен текст: здружение).
Седиштето на здружението е во Скопје на ул. “Димитар Влахов“ бб
Член 5
Здружението има свој печат и штембил.
Печатот е тркалезен и го содржи името на здружението: Словенечко здружение Франце Прешерен Скопје.
Штембилот на здружението е правоаголен и на него е испишан следниот текст: Словенечко здружение Франце Прешерен Скопје со празно место за број и дата, стои годината и Скопје.
III. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 6
Основна задача на здружението е настојувањето на зачувување на националните, културните и научните вредности на Република Словенија.
Член 7
Граѓаните се здружени во здружението заради задоволување на своите лични и заеднички цели и интереси, а како посебни цели и задачи се:
-
меѓусебно запознавање и дружење;
-
негување на словенечкиот јазик;
-
негување на народните обичаи, песни и танци од Словенија;
-
прославување на државните и културните празници на Република Словенија;
- организирање на деловни, научни и туристички патувања во Словенија;
-
афирмација и презентација на националното, културното и историското богатство на Словенија во Република Македонија и обратно;
-
активна соработка со научни и културни институции на Република Македонија;
-
негување на пријателството помеѓу граѓаните на Република Македонија и Република Словенија;
- создавање на услови за редовно снабдување со словенечкиот печат и со литература на словенечки јазик;
-
квалитетна и постојана соработка со дипломатското претставништво на Република Словенија во Република Македонија;
- давање на соодветна помош на граѓаните на Република Словенија кои привремено престојуваат во Република Македонија и на кои им е таа помош потребна;
-
создавање на услови и обезбедување на радио и ТВ емисии на словенечки јазик;
-
соработка со други друштва и здруженија кои имаат исти или слични цели;
-
поттикнување на активноста на членството во остварување на целите и задачите на здружението.
Член 8
За остварување на своите цели и задачи здружението ќе основа своја библиотека, читална, видеотека, и аудиотека преку кои ќе набавува книги, списанија, видео и аудио касети.
Во остварувањето на целите и задачите, здружението организира курсеви за
усовршување на словенечкиот јазик, приредува литературно-книжевни приредби и
средби, разни научни и популарни предавања, проекции на филмови, другарски
средби, забави, излети, екскурзии, јавни изложби и други културно-забавни
манифестации, размена на аматерски, културни и спортски друштва и др.
IV. ОРГАНИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 9
Органи на здружението се: Собрание и Управен одбор.
Член 10
Собранието го сочинуваат сите членови на здружението.
Собранието е највисоко тело на здружението.
Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Член 11
Седница на Собрание свикува Претседателот на Собранието.
Седница на Собранието се свикува и по предлог на Управниот одбор на здружението или на една петина од вкупниот број членови на Собранието.
Ако Претседателот на Собранието во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Управниот одбор или иницијаторите.
Член 12
Собранието на здружението од редовите на своите членови избира Управен одбор кој е извршен орган на Собранието.
Член 13
Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број на членовите.
Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство на гласови од присутните членови.
Член 14
Редовна седница здружението одржува еднаш годишно на која се разгледува извештајот за работењето на здружението и финансискиот извештај на здружението.
Седницата на Собранието ја свикува Претседателот на здружението најмалку 15 дена пред денот на одржувањето.
Член 15
Собранието избира Претседател на здружението со мандат на траење од 2 (две) години со можност на повторен избор.
Претседателот на здружението по функција е Претседател и член на Управниот одбор.
Член 16
Во надлежност на Собранието е следното:
-
го донесува Статутот на здружението и врши измени и дополнување на истиот;
-
донесува програма и други акти на здружението;
-
усвојува годишен извештај и донесува насоки и план за работа;
-
усвојува завршна сметка и финансиски план;
-
избира органи на здружението;
-
донесува одлуки, заклучоци и препораки за решавање на прашања во интерес на здружението;
-
одлучува за основање на трговски друштва;
-
одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство;
-
одлучува за здружување или одделување од друго здружение и за зачленување во сојузи и меѓународни организации;
- констатира прием на нови членови и престанок на членувањето;
-
одлучува и за други прашања кои не се во надлежност на другите тела на здружението;
-
врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и законите.
Член 17
Управниот одбор на здружението e извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот на здружението во согласност со Статутот.
Член 18
Управниот одбор на здружението брои 5 (пет) члена односно Претседател и 4 (четири) члена.
Мандатот на членовите на Управниот одбор е 2 (две) години со можност за повторен избор.
Член 19
Управниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието на здружението.
Управниот одбор се состанува и одржува седници по потреба.
Седницата на Управниот одбор ја свикува Претседателот.
Член 20
Одлуките на Управниот одбор се полноважни доколку за нив гласале најмалку половина од присутните членови.
Управниот одбор може да работи доколку се присутни најмалку два члена и Претседателот на Управниот одбор.
Член 21
Во надлежност на Управниот одбор е следното:
- спроведување на статутарните и програмските задачи на здружението, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
- донесување и реализирање годишна програма за работа;
- предлагање измени и дополнувања на Статутот;
- донесување соодветни правилници, прифаќање спогодби и договори;
- свикување седници на Собранието и припремање материјали;
- донесување одлуки за формирање на постојани и повремени комисии и насочување нивната работа;
- донесување одлуки за награди, пофалници и признанија;
- подготвување годишен или периодичен извештај за својата работа;
- вршење прием на нови членови на здружението;
- донесување одлуки за висината на чланарината и уписнината;
- подготовка на финансиски извештај и пресметка на приходи и расходи;
- вршење на други работи кои произлегуваат од потребите на Статутот на здружението.
V. УПРАВУВАЊЕ СО ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 22
Со здружението управува членството непосредно или преку свои претставници во органите.
Права и должности на членовите се:
-
да избира и да биде избран во органите на здружението;
-
да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
- да работи на развивање и унапредување на интересите и активностите кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и усвоените одлуки и заклучоци;
- да ги спроведува во целост одредбите од Статутот и програмските активности;
-
да ги застапува интересите и ставовите на здружението;
-
да бара стручна и друга помош од здружението;
- да плаќа члeнарина.
Член 23
Административно-стучните и другите работи за здружението ќе ги извршува секретарот на здружението.
VI. ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 24
Здружението е непрофитабилна организација.
Здружението остварува средства од:
- члeнарина;
- донации;
- спонзорство;
- провизии од органи и организации, заедници и од други услуги;
-
од трговски друштва;
-
од други услуги.
Член 25
Користењето и располагањето со средствата на здружението добиени по основите од претходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.
Член 26
За користењето и располагањето на средствата одлучуваат органите на здружението согласно надлежностите утврдени со овој Статут.
Здружението донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на здружението.
VII. ПРЕТСТАВУВАЊЕ И ЗАСТАПУВАЊЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 27
Здружението го претставува и застапува во правниот промет и спрема трети лица во јавноста, Претседателот на здружението.
VIII. УСЛОВИ И НАЧИН НА ПРИСТАПУВАЊЕ И ИСКЛУЧУВАЊЕ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 28
Член на здружението може да биде секој полнолетен граѓанин, државјанин на Република Македонија како и странски државјани-симпатизери на здружението кои доброволно ќе пристапат кон здружението и ќе ја прифатат програмата и Статутот на здружението со давање на писмена изјава.
Зачленувањето во здружението се врши со пристапница, односно со издавање на членска книшка, која при исклучување или престанок на членството во здружението, задолжително се враќа.
Здружението за своите членови води регистар на членството, кој се ажурира еднаш годишно.
Член 29
Членството во здружението може да престане доброволно, со исклучување и бришење од евиденцијата.
Исклучувањето на членот од здружениетосе се врши доколку истиот не ги почитува основните начела утврдени со Статутот на здружението и другите акти, а со своето однесување го нарушува угледот на здружението.
Бришењето од евиденција на членот на здружението се врши доколку членот не е активен односно не учевствува во работењето на здружението, како и доколку не плаќа чланарина повеќе од 3 месеци.
Исклучувањето на членот како и неговото бришење од евиденција на здружението се врши со донесување на посебна одлука на Собранието на здружението.
IX. ОСТВАРУВАЊЕ ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 30
Работата на здружението е јавна.
Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на здружението за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работата на органите и телата на здружението, за материјално-финансиското работење и друго.
Член 31
Органите на здружението можат да работат на затворена седница ако органот донесе одлука со двотретинско мнозинство од присутните членови на органот.
Претседателот на здружението е одговорен за известување за членството преку соопштенија дадени на состаноци и за известување на јавноста за работата и одлуките на здружението преку соопштенија дадени во јавните медиуми.
X. ПРЕСТАНОК НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 32
Здружението ќе престане со работа ако за тоа одлучат членовите на здружението, ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање, ако настапат причини утврдени во член 52 од Законот за здруженија на граѓани и фондации.
Одлука за престанок на здружението донесува Собранието со двотретинско мнозинство на членовите на здружението.
Член 33
По престанокот на работата на здружението, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во здружение на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство односно на некоја хуманитарна организација.
XI. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 34
Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за негово донесување.
Член 35
Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето.
Со влегување во сила на овој Статут, престанува да важи Статутот на Словенечкото здружение „Франце Прешерен“ – Скопје бр. 02/1 oд 01.03.2004 година.
Бр. 02-1
Скопје 14.04.2008 година
СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
ПРЕТСЕДАТЕЛ
Анастазија Рибарски
Оваа статија е достапна и на: словенечки